29 Мај 2019

Том Соер рецензија - teatarskikritiki.wordpress.com

СИНХРОНИЗИРАНА ПОУЧНА ПРИКАЗНА

( „Том Соер“ според Марк Твен; драматизација, Горјан Милошевски; режија, Деан Дамјановски; продукција, Театар за деца и младинци – Скопје; премиера: мај 2019 г.)

Ова е еден од лектирните наслови, какви што редовно се наоѓаат на репертоарот на Театарот за деца и младинци. Од причини што станува збор за антологиски лик од светската литература за деца, зпочнуваме најпрво со констатацијата, дека во овој случај имаме извонредна поделба со тоа што насловниот лик, Том Соер го толкува Бојан Кирковски, а неговиот неразделен другар и сопатник во сите негови авантури и палавштини, Хакалбери Фин го игра Мики Анчевски. И претставата може да почне! Низ нивната вешта и извонредно синхронизирана партерска игра се плете приказната за детето и детството кои значат постојано бегство од воспоставените општествените и семејни нормативи. Претставата така ги афирмира вредностите што ги носи детската искреност и љубопитност. Тоа е уште еден дискретен повик никогаш да не се престане да се бара детето во себе. Се разбира, во прикзаната со значаен актерски учинок учествуваат и Драган Довлев, Емра Куртишова, Мартин Јордановски, Ненад Митевски, Винета Дамчевска, Симона Спировска, Наташа Петровиќ и Марија Ѓорѓијовска. Последните три актерки толкуваат по неколку различни ликови со брза/инстантна сценска трансформација, со промена која подразбира детали во маската и костимот. И тоа е изведено беспрекорно. Бојан Кирковски како Том Соер е медиум во кој се споени благиот израз, но и одлучноста, прилагодливост на ситуциите, но и лик кој ги крши нормите и создава свои правила. Страсно се вљубува во Беки Тачер, а нежно ги искажува чувствата. Мики Анчевски како Хаклебери Фин го следи во чекор. Овој тандем го афирмира другарството како најголема доблест и во овој сегмент нивната приказна е поучна за децата.

Драматургот Горјан Милошевски и режисерот Деан Дамјановски создаваат конвенционална, ведра и разиграна претстава – мозаик составен од неколку сцени ( маало, судница, пештера, гробишта, бродот на морската шир…). Иако има основа ова да се пресоздаде и во претстава чија целна група би биле и младинците, сепак споменатите автори се одлучуваат за најмладите гледачи. Кога велиме дека станува збор за конвенционална детска претстава тогаш мислиме на веќе препознатливата и многу пати користена концепција која преку сценографијата (Филип Коруновски), костимографијата (Елена Вангеловска) и музиката (Горан Трифуновски – Пајак), настојува на изнаоѓање на најкусиот пат до публиката, па и интеракција со истата. Преку музиката и другите елементи претставата алудира на филмовите за Дивиот запад, односно станува збор за вестерн варијанта на „Том Соер“. Претставата тече полетно, ведро и разиграно, но понекогаш делува и помалку префорсирано и како да се инсистира на некритично и претерано интимизирање со детската публика што како манир и шаблон се среќава и во други пртстави на овој театар, а кои час поскоро треба да бидат надминати и заборавени. Како и да е, ритмот/темпото и среќниот кастинг се главниот адут на оваа претстава и нејзиниот сценски живот на репертоарот на Театарот за деца и младинци.

 

https://teatarskikritiki.wordpress.com

FaLang translation system by Faboba

Месечен репертоар

Март 2023
П В С Ч П С Н
1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 31

Маркетинг