19 Мај 2017

[РЕЦЕНЗИЈА] „Мачорот во чизми“ - со илузии и трикови ги освојува децата

Децата се најдобрата публика, тоа може да стои во сите учебници за театар и изведувачки уметности. Тие нема да излажат ни во еден момент со својата реакција кога следат некоја претстава, гледаат филм или слушаат концерт. Ако им е здодевно, нема да ви кажат дека сакаат да останат. Ваква реакција немаше на последната изведба на претставата „Мачорот во чизми“ во Театарот за деца и младинци во Скопје. Тоа кажува многу. Последната премиера на омиленото свртувалиште на децата ги остави без зборови дечињата, уживаа во приказната, а се вчудовидуваа на магијата. Режисерот Игор Ивковиќ и драматургот Горјан Милошевски создадоа сопствено видување на приказната на Шарл Перо за палавиот мачор, фокусирајќи се на желбата децата да добијат уште една убава порака – дека на лошото треба да му се спротивставиме со добро.

„Мачорот во чизми“ е ретко поставувана кај нас. Палавиот мачор Макс со својата лукавост ги решава сите проблеми и успева да ги направи подобри сите ликови во претставата. Видовме одлична актерска игра на цел тим, предводена од Мартин Јорданоски, миленикот на детската публика, која веќе се навикна да го препознава во речиси секоја наредна премиера на Театарот за деца. Многу успешен тандем беа актерите Мики Анчевски, кој имаше впечатлива маска на магионичарот Ужбекс, и Ана Левајковиќ-Бошков, неговиот помошник, со стајлинг „а ла Мајкл Џексон“. Мачорот во чизми имаше мисија да ги спаси ликовите што ги толкуваа: Марија Ѓорѓијовска, Емра Куртишова, Ненад Митевски, Винета Дамческа-Мојаноска и Владимир Лазовски. За костимите се погрижи Маре Трајковска-Стефаноска, а дел беа и од костимографката Лира Грабул, од постари претстави.

Детските претстави најчесто се магични, тоа го прават приказните, убавите костими, песните. Но, овој пат децата навистина можеа да бидат дел од илузии за кои се погрижи Георги Гавревски. Прашањата од типот – „како го направи тоа“ се слушаа низ гледалиштето. Е, тоа се прашањата што на децата треба да им се отворат, ама не и да им се одговорат, оти тогаш магијата ќе исчезне.

Објавено на 18.05.2017 во категорија Култура
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

FaLang translation system by Faboba

Месечен репертоар

Март 2024
П В С Ч П С Н
1 2 3
4 5 6 7 8 9 10
11 12 13 14 15 16 17
18 19 20 21 22 23 24
25 26 27 28 29 30 31

Маркетинг