Со чувство на емпатија кон поинаквите - рецензија на „Едвард раце ножици“

Тони Димков

Современа бајка Театарот за деца и младинци (ТДМ) на почетокот на есенската сезона премиерно ја изведе претставата „Едвард раце ножици“ според сценариото на Тим Бартон и Каролајн Томпсон во режија на Нела Витошевиќ

Инспирацијата за својата прва претстава на младинската сцена на ТДМ режисерката Витошевиќ ја наоѓа во својот младешки восхит од филмот на Бартон. Во поставувањето на претставата таа не се обидува да се оддалечи од филмската приказна, дури и маската на главниот лик Едвард (го игра Бојан Кирковски) е речиси иста со таа на филмскиот лик (го игра Џони Дип), но во функција на театарската изведба се фокусира на драматургијата и на актерската игра со цел поживо и подинамично да ја долови оваа современа бајка.

Друга карактеристика на режисерскиот пристап е што одредницата „младинска сцена“ е проширена на „публика од сите возрасти“, бидејќи претставата е интересна, тече лесно и брзо и за возрасните, а не само за младите гледачи. Тоа е многу битно, бидејќи темата и на филмот и на претставата има едукативна димензија, која се однесува на местото на поинаквите и различните во современото општество. Ако Тим Бартон со филмот сакал да направи материјалистички автопортрет на сопственото детство, тогаш со претставата Витошевиќ поттикнува размисли за местото и третманот на маргиналните групи во нашето општество. А тоа се однесува на сите, а не само на одреден тип публика.

Покрај идејниот, чисто, прецизно и недвосмислено е одработен и театарскиот сегмент на постановката. Режисерката не се грижи многу за малата сцена во ТДМ, сфаќа дека нема простор за големи сценографии, но се послужила со мал трик, го употребува првиот ред од гледалиштето во функција на претставата и успева на сцената да извади 13 актери. Покрај Едвард, на сцената има место и за семејството Богс, и за петте сосетки, и за момчето на Ким, Џин, и за нараторот и за полицаецот. Приказната за Едвард, необичното момче со раце-ножици, но и со голема страст и многу енергија, момче со развиена фантазија, но неразвиено чувство за реалност, лесно се пренесува од еден на друг лик, од неговото доаѓање до неговото заминување од малото гратче. Секако, во претставата има и многу добрина и љубов и радост и тага. Со многу чисти и прецизно доловени карактери во претставата играат Бојан Кирковски (Едвард), Наташа Петровиќ (Ким Богс), Симона Спировска (Пег Богс), Ненад Митевски (Бил Богс), Ангела Димитрова (Кевин Богс), Емра Куртишова (Џојс), Ана Левајковиќ Бошков (Марџ), Катарина Илиевска Силјановска (Сиси), Изабела Новотни (Есмералда), Ивана Павлаковиќ (Хелен), Петар Стојанов (Џим), Никола Наковски (Џорџ Монро) и Исмет Шабановиќ (Полицаецот). Одлична работа завршила костимографката Роза Трајческа Ристовска, која со костимите нѐ враќа во убавите времиња на 70-тите години од минатиот век, а музиката на Огнен Анастасовски дава уште пожив и подинамичен ритам на дејството. Чувството што го поттикнува претставата е еден вид емпатија кон различните од нас, но и радост од спознанието дека на сите ни треба малку нежност и внимание, независно кои сме, како изгледаме и од каде доаѓаме.

(текстот е објавен во „Културен печат“, неделен додаток на „Слободен печат“ во двобројот 2-3 ноември 2019)

FaLang translation system by Faboba

Месечен репертоар

Јануари 2022
П В С Ч П С Н
1 2
3 4 5 6 7 8 9
10 11 12 13 14 15 16
17 18 19 20 21 22 23
24 25 26 27 28 29 30
31

Маркетинг