Режија: Димитар Христов
Автор: Игор Бојовиќ
Еден од најдобрите и најчесто поставуваните драмски текстови на младиот српски драмски писател за деца Игор Бојовиќ, во 1998 година доживеа премиера во нашиот театар. УБАВИЦАТА И ЅВЕРОТ е првата детска претстава која го надмина бројот од 300 изведби.
Суровиот и себичен принц е казнет од Злобницата Волшебница, која го претвора во ѕвер. Зарем не е така и во животот? Зарем малку сурови луѓе со тек на време станале вистински ѕверови? Само убавината, добрината и љубовта го прават она што изгледа невозможно – суровоста да се претвори во човечност. Оѕверениот ѕвер, одглумен од незаменливиот Владимир Лазовски, многу брзо ќе ја засака најубавата меѓу најубавите т.е. Убавицата, претставена од прекрасната Ана Левајковиќ-Бошков. Но, за да биде симната клетвата на Злобницата Волшебница, оригинално и енергично одиграна од Катарина Илиевска-Силјановска, ќе мора и Убавицата да го засака Ѕверот. Ова се чини како невозможна мисија, доколку Ѕверот не добие неопходна помош од неговата помошничка наречена Скакулка, лик кој со маестрална леснотија и интеракција на сцената го донесе актерката Татјана Павловска Кочовска. За нејзината актерска бравурозност зборува и меѓународната актерска награда што за оваа улога таа ја има освоено на Суботичкиот Фестивал во 1998 год.
Дали Убавицата ќе се заљуби во Ѕверот и дали тој конечно ќе си го врати човечкиот лик, останува на Вас да откриете. И покрај тоа што генерации и генерации на деца израснале со оваа претстава, се уште е една од најпосетуваните наши претстави.
Играат:
Тања Кочовска
Предраг Павловски
Сценографија:
Александар Ношпал
Костимографија:
Александар Ношпал
Музика:
Славе Димитров
Кореографија:
Александар Хаџиманов