Театар за деца и младинци
Menu

„ЖИВОТИНСКА ФАРМА“ премиерно на 21 октомври 2015

Уште една претстава која ќе го збогати репертоарот на младинската сцена во Театарот за деца и младинци. Премиерно на 21 октомври, 2015 со почеток од 20:00 часот ќе биде изведена претставата „Животинска фарма“, работена според романот на Џорџ Орвел во режија на Александра Кардалевска и драматизација на Драгана Лукан Николоски.

Ова дело, кое заедно со „1984“ му донесе слава на Орвел непосредно по Втората светска војна, опишува бунт на фарма која животните ја преземаат од сопственикот Џонс, сакајќи поубав свет без доминација на луѓето. Преку текстот авторот на сатиричен начин ги прикажува случувањата во Русија помеѓу двете светски војни, со алузии за предавството на Руската револуција од страна на Сталин и неговите следбеници, чистките, монтираните процеси, злоупотреба на народот од новата елита.

IMG 7219 2 1024x683
Режисерката Карадалевска вели дека со секое препрочитување на делото сфатила дека оваа тема е постојано актуелна. Со ова дело, вели таа, се покажува стилот на Орвел – едноставен, а со две нишки во исто време – политичка и уметничка.

– Не може да не се зборува за еден политички контекст во приказната, меѓутоа тој е многу универзален и е актуелен за нашето секојдневие. Претставата зборува за борба за власт, за злоупотреба на власта, а за сето тоа да биде возможно вметната е приказна за сеопфатна машинерија, за современото угнетување, нешто што порано се викаше пропаганда, а сега политички маркетинг, еден севкупен систем со кој се контролира мислата на населението. Група животни од една фарма решаваат да се ослободат од човек-тиранин кој носи само зло, прават систем во кој живеат во благосостојба се додека во еден момент не почне да се руши и да се создаде негативната утопија за која зборува делото, потенцира Кардалевска.

IMG 7596 2

Актерот Владимир Лазовски во претставата го игра ликот на Бенџамин (Магарето) – сведок на минатото кој патува низ времињата и раскажува за нив. – Се надевам дека пораката на Орвел ќе направи младите да сфатат дека текот на историјата може да се смени и дека таа не треба да се повторува, рече Лазовски.

132853541

Покрај него, во актерската екипа се и: Ненад Митевски, Мики Анчевски, Бојан Кирковски, Предраг Павловски, Изабела Новотни, Катарина Илиевска-Силјановска, Симона Спировска, Наташа Петровиќ, Емра Куртишова, Марија Ѓорѓиевска и Мартин Јорданоски. Сценограф е Никола Кунгуловски, костимограф Маја Димовска, а музиката е на „Бернејс Пропаганда“.

Tekovni proekti

  • Мачорот во чизми
  • Снежната кралица