Театар за деца и младинци
Menu

ПРЕМИЕРА НА „ЗАСПАНИОТ РАЗУМ РАЃА ЧУДОВИШТА ИЛИ ДЕНЕС НЕ НАПИШАВ НИ ЗБОР“

На 11 јуни, 2015 година, од 20 часот, на сцената на Театар за деца и младинци, премиерно ќе биде изведена претставата „Заспаниот разум раѓа чудовишта или денес не напишав ни збор!“ (целосниот назив на претставата) во режија и драматизација на Владимир Милчин. 

Ова е веќе трета претстава за младинска сцена при нашиот театар, истакна директорот на Театар за деца и младинци и актер, Драган Довлев.  По големиот успех со претставата „Нашиот клас“ завршивме нов процес со режисерот Владимир Милчин. Овој пат обработуваме компилација на дела. Нашата претстава е посветена на две многу слични судбини, додаде Довлев.

Претставата е работена по извадоци од делата на Данил Хармс и „Сонот на разумот“ од Антонио Буеро Ваљехо.Вечната борба на уметникот со авторитетите, односот кон слободата и гладта за истата се некои од темите со кои оваа претстава се занимава, а сето тоа видено преку пресеци од животите на два великани, Хармс и Гоја. Како што истакнува и самиот режисер целата претстава може да се сублимира во една реченица: „Времињата се менуваат, а владетелите не“.

DSC 7955 2

Се разбира дека сликарот Франциско де Гоја (1746-1828) и писателот Данил Хармс (1905-1946) не можеле да се сретнат ни во просторот ни во времето. Првиот се родил во преднаполеоновска Шпанија, а умрел во Франција во врeмето кога со Шпанија повторно владеел злобниот автократ Фернандо VII. Вториот се родил во царска Русија, а умрел од изгладнетост во затворска болница во Ленинград кога во СССР владеела челичната тупаница на Сталин. А сепак, Гоја и Хармс се среќаваат во нашата претстава во Театарот за деца и младинци вели Владимир Милчин. Претходникот на модерното сликарство и претходникот на литературата на апсурдот. И едниот и другиот многу пред своето време со многу слични судбини. И денес, „црните слики“ на Гоја и гравурите од неколкуте албуми претставуваат предизвик и загатка за толкувачите на уметноста, исто како Хармсовите стихови, прозни дела и драми.

DSC 8338 2

И едниот и другиот паднале во немилост кај семоќните властодршци и биле прогонувани од чуварите на идеологијата, верата и моралот. Некои од тие етикети се во употреба и денес кај современите автократии.  Милчин потенцира дека: Човештвото не оди во прогрес. Со нас се’ уште управуваат владетели. Притоа во нивните дела и во претставата е видливо присуството на Бог кој се забавува на наша смисла. Токму затоа се поставуваат прашањата: „Дали нашето постоење има смисла и ако има од каде потекнува? И што е одговорот на тоа? Дали човекот треба да го осмисли своето постоење или да потоне како обезличено човече во стадото?“

Понатаму, актерите Тања Кочовска, Предраг Павловски и Мартин Јорданоски се надоврзуваат со свои коментари.  Кочовска е задоволна од укажаната шанса за прв пат да работи со Владимир Милчин во претстава во нејзиниот матичен театар. Драго и е дека актерите со оваа претстава влегуваат во „ново истражување, во нови води“. На тоа, Предраг додава дека преку „колективен дух, голема екипираност кои постојат во ансамблот секогаш сакаш да влезеш во вода во која не си влегол“. Мартин Јорданоски јасно истакнува: „Сакаат да не’ поделат на подобни и неподобни. Сакаат да не’ умрат од глад. Ни измислуваат закони за хонорарци.... Ова е отсликување на општеството, на некое поранешно општество и се надевам не и некое итно.“

DSC 7935 3

Во претставата играат: Драган Довлев, Мартин Јорданоски, Мики Анчевски, Владимир Лазовски, Предраг Павловски, Ана Левајковиќ Бошков, Татјана Кочовска Павловска, Емра Куртишова, Наташа Петровиќ, Симона Спировска, Наташа Петровиќ. Сценографијата е на Крсте Џидров, а костимите се на Марија Папуческа.




Tekovni proekti

  • Мачорот во чизми
  • Снежната кралица