Театар за деца и младинци
Menu

Премиерата на претставата МОГЛИ

ПМоглиремиерата на претставата МОГЛИ ќе се одржи на 15. 07 2014 година, во Театарот за Деца и Младинци, во рамките на овогодинешното издание на Скопско Лето.

Ден претходно, на 14. 07, театарот традициоонално ќе ја одигра претпремиерата со публика. Влезот е слободен.

МОГЛИ е претстава работена по мотивите на КНИГА ЗА ЏУНГЛАТА од Радјард Киплинг, а во адаптација и драматизација на Маја Енчева и Боњо Лунгов, кој пак е и режисер на претставата.

Потсетуваме дека овој наслов е веќе еднаш поставен на репертоарот на нашиот театар и тоа од истиот режисер и авторска екипа. Тогашната постановка на МОГЛИ имала своја премиера на 06. 03 1999 година. Одзивот кај публиката и успехот што го забележа таа претстава беа неочекувано големи, огромни.

За жал, таа претстава се играше едвај нецела година, само до 20. 02 2000 година, кога токму на тој датум беше одложена токму таа претстава, заради трагичната, мистериозната и прерана смрт на Игор Маџиров, кој ја играше насловната улога во, според мнјогумина најдобрата претстава на нашиот театар. Токму затоа целата екипа што работи на овој проект и целиот колектив на Н.У. Театар за Деца и Младинци ја посветува оваа претстава на никогаш заборавениот Игор Маџиров, нашиот најоригинален Могли. Знаеме дека за многумина оваа нова претстава ќе предизвика премногу емоции, но ги повикуваме сите што сакаат да се приклучат на посветата на, пред се големиот човек Игор Маџиров, да ни се придружат во вторник на 15-ти, во 19 часот. Игоре, никогаш нема да те заборавиме. Оваа претстава е само уште едно скапоцено камче во мозаикот наречен Спомени за Игор.

Во новиот МОГЛИ ќе бидеме сведоци на една прекрасна старо-млада актерска екипа, која покрај малите драматуршки промени во однос на старата постановка, даваат една сосема нова, феноменална и беспрекорна актерско-театарска визија. Воопшто не потценувајќи ги сите, сепак треба да се издвојат професионалноста, подготвеноста, упорноста и прецизноста на новиот Могли, актерот Мартин Јорданоски. Големата желба, талентот, знаењето и неуморната работа на останатите актери само ја дополнуваат прекрасната слика наречена МОГЛИ. Еве ги нивните имиња – Татјана П. Кочовска, Наташа Петровиќ, Симона Спировска, Марија Ѓорѓијовска, Предраг Павловски, Мики Анчевски и Ненад Митевски. Честитки за одлично сработената работа до сите.

За режисерот Боњо Лунгов во изминативе 20-тина години се пишувало и кажувало многу и секој нареден збор би бил излишен. Сепак, за издвојување е неговата воодушевеност од прекрасната работна атмосфера и леснотијата со која екипата ги исполнила сите зададени задачи. Чест ни е што повеќе од 2 децении соработуваме со еден од најголемите режисери на куклени претстави во Европа и светот. Голема благодарност до неговите асистенти Маја Енчева и Константин Каракостов. Без нивниот скапоцен и деноноќен придонес оваа претстава ни оддалеку немаше да биде ваква каква што е. Сигурни сме дека и во иднина овие тројца ќе му подарат на нашиот театар вакви и слични претстави.

Tekovni proekti

  • Мачорот во чизми
  • Снежната кралица